САШКО КОЦЕВ СО „ШИРОК ДИЈАФАЗОН“ ДЕНЕСКА ВО КРИВА ПАЛАНКА, ПАРИТЕ ОД БИЛЕТИТЕ ЌЕ СЕ ДОНИРААТ ЗА КОНЦЕРТЕН КЛАВИР

Крива Паланка, (СМАРТ СДК.МК)

Актерот Сашко Коцев ќе гостува со популарниот стендап „Широк дијафазон“,во Центарот за култура во Крива Паланка денеска (7 јуни) од 20 часот.

Со својот препознатлив хумор, Коцев зборува за машко-женските односи, недостатоците во општеството и забавните ситуации од секојдневието. Цената на билетот е 300 денари, а средствата се наменети за кампањата „Концертен клавир за Крива Паланка-Градот на културата“.

Коцев неодамна ни рече дека нема точна бројка колку пати ја играл стендап претставата, но е некаде околу 40.

„Јас сум многу среќен што реакциите се вакви, што продажбата е ваква, што публиката излегува полна со енергија и ентузијазам, со една весела и позитивна мисла. Јас не секогаш се трудам да бидам урнебесно смешен, се трудам  макар малку да бидам и поучен“, вели актерот.

На 13 јуни Коцев ќе го игра стендапот во МНТ.

Фото: К. Попов