САТИРИЧАРОТ МИЛЕ ЃОРЃИЈОСКИ СО НОВАТА КНИГА ЗАОКРУЖИ ТВОРЕШТВО ОД 35 КНИГИ И 15.000 АФОРИЗМИ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Книга со 1.000 афоризми на познатиот сатиричар Миле Ѓорѓијоски е објавена деновие. Со најновото издание, 35. по ред, тој своето продуктивно творештво го заокружува со објавени 15.000 афоризми, досетки и разни мудри мисли од сите области, од политика до спорт.

Ѓорѓијоски, кој пишува и афоризми за деца, е автор на првата светска антологија на мудри мисли, поговорки и афоризми од антиката до денес.

„По минатогодишното прво издание, во завршна подготовка сум и на второто, кое ќе содржи мудри мисли, поговорки и афоризми на познати светски филозофи, писатели, музичари, политичари и афористичари, на личности како Аристотел, Соломон, Ниче, Линколн, Ганди, Леонардо да Винчи, Моцарт, Пушкин, Иво Андриќ, Мирослав Крлежа, а застапени се и македонските великани Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Владо Урошевиќ и други“, вели Ѓорѓијоски.

Едицијата „Од Вардар до Владивосток“ содржи избрани афоризми на познати афористичари од Србија, Русија и Македонија

Тој најавува дека наскоро од печат ќе излезе и книга со афоризми за деца под наслов „Палави афоризмичиња“, во издание на Славјанскиот универзитет од Свети Николе.

Своето творештво и бројните награди и признанија што ги добил во земјата и странство, како и најновите изданија што наскоро треба да излезат од печат има намера да ги презентира на посебен настан, што треба да се случи штом ќе помине коронакризата.

Т. ЈОВАНОВСКИ