СЕКОЈА НЕДЕЛА ПО ЕДНА БАЈКА ОД МАКЕДОНИЈА НА „БРАВО СИНЕ“, ДВИЖЕЊЕТО ВО СПОМЕН НА ИВО ЛАУРЕНЧИЌ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Бајки од Македонија за цела година“ е новиот проект на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“, кој ќе биде готов на крајот на годинава.

Изданието ќе содржи 52 бајки од народното творештво, избор од собраните народни приказни од Марко Цепенков, Стефан Верковиќ и Танас Вражиновски.

Во новата едиција „Бајки од Македонија за цела година“, покрај четирите веќе промовирани бајки од Македонија, ќе се најдат уште 48 нови приказни меѓу кои: „Силјан штркот“, „Цане и ламјата“, „Змејот од Пелистер“, „Принцезата војник“, „Принцезата Ѕвезда и лошата царица“, „Тројцата царски синови и трите јаболкници“.

Изборот и адаптацијата на бајките е на Билјана С. Црвенковска, уредник во „Арс Ламина“.

Илустрациите се на младата дизајнерка Катерина Николовска, победник на ланскиот конкурс, која доби парична награда од 100.000 денари за новиот проект.

„Убаво е да се види како најмладите веќе ги знаат своите омилени ликови токму од нашето поднебје. Досегашниот успех нѐ поттикнува да продолжиме понатаму со проектите од јавен интерес. Нѐ радува тоа што ‘Бајките од Македонија’ токму тоа го обезбедуваат на еден совршен начин“, вели Ангелка Пеева -Лауренчиќ, член на Управниот одбор на „Браво сине!“.

Како дел од соработката, досега се издадени едициите „Бајки од Македонија“, „Басни од Македонија“ и авторската бајка за деца „Мистериозното јајце“ на Оливер Коларевски.

„Бајки од Македонија“ е преведена на неколку светски јазици, а објавено е и издание со Брајово писмо.

Б. НЕСТОРОСКА