ШАРАПОВА СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД ТЕНИСОТ КАКО ВТОРА НАЈПЛАТЕНА СПОРТИСТКА ВО ИСТОРИЈАТА

Лос Анџелес, (Си-Ен-Ен)

Постојат многу начини како да се мери успехот на Марија Шарапова: пет гренд слем титули, вкупно 36 трофеи, прво место на ВТА-листата, но особено ако се погледне нејзиното банковно салдо.

Триесет и двегодишната Русинка вчера го објави своето повлекување од тенисот поради хронични проблеми со рамото и иако веќе неколку години не беше во врвот, таа останува една од најплатените тенисерки на сите времиња, но и спортистки воопшто.

На тениските терени таа заработи 38,8 милиони долари, помалку единствено од Серена (92,7) и Венус Вилијамс (41,8), а од машките колеги пред неа се само Ѓоковиќ, Федерер, Надал, Мареј и Сампрас.

Шарапова беше заштитно лице и на часовниците „Таг Хојер“ (Фото: АП)

Но, Шарапова одлично ја наплати својата популарност и надвор од тенисот.

Најбогатиот договор го потпиша со „Најки“, 70 милиони долари за осум години, но беше и заштитно лице на „Порше“, „Евијан“, „Таг Хојер“ и на рекетите „Хед“, а во минатото и на „Канон“ и „Авон“. Покрај тоа, почна и неколку свои брендови.

„Форбс“ ја проценува нејзината вкупна заработка на 325 милиони долари, што ја става на второто место меѓу спортистки, зад Серена Вилијамс со 350 милиони.

„Шарапова заврши извонредна работа во градењето на својот бренд надвор од терените. Таа несомнено добро го искористи својот атрактивен изглед и изгради име. Луѓето ја сакаат и мислам дека нема да има проблеми да го одржи тоа и после тенисот“, изјави маркетиншкиот експерт Боб Дорфман.