Тринаесетгодишната Нина Спасовка од танцовото студио „Денсерс јунајтед“ освои два златни и еден бронзен медал на Светското првенство во латино танци, што се одржа во Варшава, Полска. „Денсерс јунајтед“ освои вкупно 19 медали: шест златни, осум сребрени и пет бронзени.

„Македонската репрезентација составена од 22 танчари блескаше на ова првенство, претставувајќи ја нашата земја со страст, енергија, извонреден талент и танц. Посебно емотивен момент беше настапот на инклузивната група од студиото, која преку својот танц испрати силна порака за еднаквост, поддршка и моќта на уметноста да ги надмине сите бариери“, велат од танцовото студио.

Златен медал освоија и младинскиот тим на „Денсерс јунајтед“, Ангела Николиќ, Луна Дариа Кочан и инклузивното танц шоу со танчари од мешана возраст (фото).
Четири сребрени медали освои Лина Дариа Кочан и по еден Евгенија Арсова, Емили Нера Кочан и тимот на „Денсерс јунајтед“, а со бронза се закитија Нина Спасовска, Ангела Николиќ, Михаела Филипова, Срна Трошановска и Нина Митревски, како и тимот на танцовото студио со латино-американска кореографија.

„Со своите енергија, искреност и храброст, нашите танчари ги освоија симпатиите на публиката и учесниците од целиот свет. Овој значаен успех е резултат на долгогодишни посветеност, истрајност и љубов кон танцот, вредности што ги споделуваат танчарите, нивните ментори и семејствата. Македонија има со што да се гордее затоа што танцот зборува гласно, а овојпат зборуваше на јазикот на победата, солидарноста и љубовта“, рече Сара Кочан, која беше судија на СП.