ШОУ СО АКТЕРИ И АКРОБАТИ ЗА СИСТИНСКАТА КАПЕЛА ОД 12 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Ватикан, (АФП/Вараети)

Ватиканските музеи соработуваа со британската рок-ѕвезда Стинг и со познатиот италијански продуцент Марко Балич за високо-технолошкиот спектакл „Страшниот суд: Микеланџело и тајните на Систинската капела“, кој премиерно беше изведен во објектите во близина на базиликата „Свети Петар“.

Микеланџело го игра познатиот италијански актер Пјерфранческо Фавино

Продукцијата во вредност од 12 милиони долари има актери, танчари и акробати, најмоќни 4К проекции на огромните екрани на таванот и светлечко шоу.

Микеланџело го игра италијанскиот актер Пјерфранческо Фавино, познат по улогите во филмовите „Светска војна 3“ и „Ангели и демони“. Балич беше продуцент и уметнички директор на церемониите на отворањето на Олимписките игри во Рио, Сочи, Торино и Солт Лејк Сити и на повеќе Специјални олимпијади.

Шоуто ќе има ограничен број на изведби, а досега се продадени 50.000 билети

Фотографиите со висока резолуција, кои ги обезбедија музеите на Ватикан, се проектираат на сцената, ѕидовите и таванот на салата, кои се покриени со платна.

Стинг не настапи на шоуто, но ја компонираше целата музика. На крајот на шоуто оди песна од Стинг, во која пее на латински јазик, со текст одобрен од Ватикан.

Балич ги купил фото и видеоправата за проектот од Ватикан, кој нема да профитира од продажбата на билети, туку, како што изјавил тој, од одредени авторски надоместоци.

Балич беше продуцент и уметнички директор на церемонииите за отворање на Олимписките игри во Рио, Сочи, Торино и Солт Лејк Сити (Фото: АФП)

„Рим е единствениот главен град во Европа кој нема постојано шоу за својата историја”, изјави Балич за АФП.

„Во ова шоу има сѐ. Барам убавина, убавината е сè. Тоа е мојата опсесија”, додаде продуцентот, кој две години го подготвувал спектаклот.

Шоуто ќе има ограничен број на изведби, а досега се продадени 50.000 билети.

Балич изјави дека преговара да ја однесе продукцијата во Москва, а потоа и во Јужна Америка на двегодишна турнеја. Екипата, исто така, се надева дека проектот би можел да игра и во кината низ светот.