СЛОБОДАН СТЕПАНОВСКИ ЈА ДОБИ АКТЕРСКАТА НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО „ПЕТРЕ ПРЛИЧКО“

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

На вчерашната свеченост на доделување на наградите на Фестивалот на античка драма „Стоби“, без претходна најава, беше доделена и актерската награда за животно дело „Петре Прличко“, што ја доби актерот од Битолски театар, Слободан Степановски. Таа е за минатата година, кога поради пандемијата на ковид-19 не можеше да му биде врачена.

Степановски бил спречен да допатува во Велес, па наградата ја прими неговата ќерка Викторија Степановска-Јанкуловска, исто така актерка во Битолски театар.

„Денес е реткост да имаш свое јас. Уште поголема реткост е таа големина да биде препозната“, порача таа во име на нејзиниот татко.

Наградата се состои од плакетата „Петре Прличко“ и 30.000 денари, што ги доделува Општина Велес. Таа вообичаено се доделуваше на Денот на Општината, 9 Ноември.

„Степановски како тимски играч истрча 43 години долга и пребогата кариера, обележана со дури 90 ролји. Прличковец без дамка и задршка. Голем актер, достоен на небесниот ктитор на оваа награда“, образложи жирито.

П. ПЕЧКОВ