Со маскенбалот кој се одржа во струмичкиот хотел „Сириус“ сношти, се најави традиционалниот Струмички карневал кој со интернационалната карневалска поворка започнува денеска во Струмица.

Водител на маскенбалот беше актерот и шоумен Игор Џамбазов, а настапи поп-пејачката Александра Јанева која е од Струмица и е двоен победник на фестивалот „Макфест“ во Штип.

За принц и принцеза беа избрани Лефтер и Цветанка Андонови, кои вечерва ќе бидат дел од царската свита што ќе ја предводи карневалската поворка на Струмичкиот карневал.

На маскенбалот беше и градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов кој е покровител на Карневалот, претседателот на Федерацијата на европските карневалски градови Ларс Алгел и претставници на Федерацијата од повеќе земји.

Манифестацијата трае осум дена на повеќе места низ Струмица и завршува в среда.
