СРЕЌЕН СУМ ДЕКА СЕ ВИДОВ СО БЛИСКИ ЛУЃЕ СО КОИ РАСТЕВ, РЕЧЕ ДИМОВСКИ-ЧАУШ НА ИЗЛОЖБАТА ВО РОДНИОТ ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Во Ликовниот салон во Велес е отворена ретроспективната изложба на Ангел Димовски-Чауш „50 години творештво“. Салонот беше преполн со гости, одамна не бил така исполнет, бидејќи авторот е роден во Велес и дел од животот тука живеел.

„Се собравме да оддадеме почит и слава на уметноста, а во чест на мојот голем 50-годишен јубилеј. Тоа е импозантна бројка на творештво со импозантен број на дела, приближно 200. Иако се работи за долг период на творење, уметниците имаат уште мотиви, енергија и љубов за работа, па се надевам дека здравјето и снагата ќе ме служат и понатаму за еден ден повторно да се видиме, со нови дела, по повод некој друг јубилеј. Драго ми е што вечерва во родниот Велес се видов со многу блиски луѓе со кои сум ги минал младоста и најубавите години“, кажа Димовски.

Салонот беше преполн со гости. (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Тој 40 години секое лето престојува во Франција, на Азурниот Брег, каде што работно го минува летото како портретист и карикатурист и соработува со тамошни галерии.

Поради ограниченоста на просторот во Велес, изложен е мал дел од неговите дела. Изложени се дела од два циклуса: 20 скулптури изработени во бронза и алуминиум и 20 слики-објекти во комбинирана техника кои се спој од скулптура и сликарство.

Иако со намален број вработени, Народниот музеј како организатор одлучи работното време на Ликовниот салон да биде од 9 до 19 часот, за што повеќе велешани да ја видат изложбата која ќе биде поставена до 15 март.

Димовски завршил Факултет за применета уметност, отсек вајарство, во 1973 во класата на проф. Димо Тодоровски. Со отворањето на Факултетот за ликовна уметност, во 1984 го завршил отсекот вајарство со театарска, филмска и телевизиска сценографија во класата на проф. Петар Хаџи Бошков.

П. ПЕЧКОВ