ТАЈЛАНД ВОВЕДЕ ТРЕТМАН ЗА ЛАСЕРСКО БЕЛЕЕЊЕ ПЕНИСИ

Бангкок, (ДПА)

Во земјата во којашто многу луѓе се опседнати со избелување на кожата, Тајланд додаде нешто ново на листата на опции – ласерско избелување пениси.

Само неколку дена откако новата процедура почна да се применува во болницата „Лелукс“, лоцирана во близина на Бангкок, повеќе од 10 мажи веќе биле на третман, соопштија претставници на болницата.

„За ова многу брзо се дозна, благодарение на социјалните мрежи. Сега луѓето треба да закажат третман една недела однапред“, кажа Попол Тансакул, маркетинг менаџер на „Лелукс“.

Фејсбук постот кој ја промовираше процедурата, пуштен вчера од болницата, доби 6.800 реакции и 22.500 коментари за кратко време.

„Го користиме истиот ласер за пигментација, кој се употребува за останатите третмани на кожата. Целата опрема има сертификат од тајландското министерство за јавно здравје. Ние едноставно одговараме на потребите на нашите клиенти. Многу од нив побараа третмани на специфични делови од телото“, кажа Попол.

Третман за белеење на женските интимни делови беше понуден пред половина година, кажа болницата, и над 30 жени веќе ја поминале процедурата.

„Досега немаше жалби и поплаки. Сите клиенти изгледаат среќно“, кажа Попол.

Една сесија со ласер за избелување чини 155 долари.