Танцово-театарското студио „Имперфект денсерс компани“ од Италија, кое настапува низ целиот свет, одлучи премиерата на новиот проект „Отело“ да ја има на јубилејниот 10. „Битола Шекспир фестивал“. Тие настапуваат в недела (30 јуни) на сцената на Народниот театар, а важат за пријатели на овој фестивал и ова ќе им биде трето гостување.
„Битола Шекспир фестивал“ ќе трае од 28 јуни до 2 јули и во Битолскиот театар ќе бидат одиграни шест претстави. Започнува денеска во 20 часот со претставата „Едвард Втори“, во режија на Андреј Жолдак од Украина, копродукциски проект на Велешки театар и Драмскиот театар „Н. О. Масалитанов“ од Пловдив, Бугарија.
Фестивалот завршува со „Ромео и Јулија“ на Народниот театар „Тоша Јовановиќ“ од Зрењанин, Србија, а во режија на Никола Завишиќ.
Настапуваат и Народниот театар Битола со „Хамлет – денот на убиствата“ во режија на Марјан Неќак, НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп со „Бура“ во режија и адаптација на Џон Блондел и театарот „Като Шахне“ од Истанбул со „Цезар“ во режија на Сибел Абдиу.
Ж. ЗДРАВКОВСКА