„ЦРВЕНА ЈАБУКА“ СО КОНЦЕРТ ВО БИТОЛА ВО МАЈ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 11 мај од 20 часот, во Центарот за култура во Битола концерт ќе одржи босанската поп-рок група „Црвена јабука“.

Групата догодина ќе слави 40 години од основањето. Фронтменот Дражен Жериќ-Жера, кој по војната во БиХ живее во Загреб, е единствениот од оригиналните членови на бендот.

„Што се однесува до нашите концерти, се менуваат само првите редови. Ако публиката останеше иста, тогаш денес би имала околу 55-60 години. Во последните редови се старите добри фанови, кои со нас и младите ја прават атмосферата уште позабавна“, рече Жериќ и додаде дека се радува на секое доаѓање во Македонија.

На новиот албум „Некои нови утра“ (Нека нова јутра) е преработена песната „Ако умрам ил загинам“ од Јонче Христовски, која групата ја пее на сите концерти во регионот.

Влезниците се продаваат преку мрежата на kupikarta.com