Оскаровецот Таика Ваитити потпиша договор со „Нетфликс“ и ќе биде сценарист, режисер и продуцент на две анимирани серии што ќе се базираат на делата на популарниот автор на детски книги Роалд Дал.
Една серија ќе ги опфати светот и ликовите од „Чарли и фабриката за чоколада“, додека другата ќе биде сосема нов поглед на Умпа-Лумпас, минијатурните и мистериозни работници во фабриката на Вили Вонка.
Ваитити неодамна доби Оскар за најдобро адаптирано сценарио за „Зајакот Џоџо“, кој исто така го правеше како режисер, продуцент и еден од главните актери.
„Нетфликс“ објави дека ова е само почеток на продолжено партнерство со компанијата „Роалд Дал стори“, што треба да оживее некои од неговите најомилени дела.
Во претходните две филмски адаптации на „Чарли и фабриката за чоколада“ Вили Вонка го играа Џин Вајлдер (1971) и Џони Деп (2005).