ТВОЈАТА УМЕТНИЧКА ДУША НЀ ОДРЖА ЗАЕДНО, РЕЧЕ МАДОНА ЗА 24. РОДЕНДЕН НА СИНОТ РОКО РИЧИ

САД, (Пипл)

Најстариот син на Мадона, Роко Ричи, кого го доби во бракот со режисерот Гај Ричи, наполни 24 години, а поп-ѕвездата (65) на Инстаграм објави 20 фотографии и видеа од него низ годините.

Во објавата имаше и дел од уметничките слики на Роко, меѓу кои и портретот на Мадона. Таа ја заврши објавата со неодамнешна снимка од неа и Роко на брод, а во натписот додаде роденденска порака.

„Долгиот пат низ сите твои расположенија беше бурен и полн со изненадувања. Но, твоите љубопитност и уметничка душа беа лепилото што нè одржа заедно“, напиша Мадона.

Таа во април годинава присуствуваше на изложбата на Роко Ричи во Мајами.

„Многу ми е мило што ќе имам слободна вечер за да уживам во најновата колекција слики на мојот син. Многу сум горда“, рече тогаш Мадона, која има шест деца, од кои најстарата ќерка Лурдес има 27 години.