УЧЕНИЦИ ОД РЕСЕН ГО ОСВОИЈА ТРЕТОТО МЕСТО НА ЕВРОПСКИОТ КВИЗ ЗА ПАРИ ВО БРИСЕЛ И СЕ СРЕТНАА СО БЕЛГИСКАТА КРАЛИЦА МАТИЛДА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Учениците Кирил Китевски и Кристијан Лазароски од СОУ „Цар Самоил“ во Ресен, под менторство на професорката Дијана Ѓоргиевска, го освоија третото место на Европскиот квиз за пари, кој оваа година се одржа во Брисел, во организаација на Европската банкарска федерација (ЕБФ).

По натпреварот, учениците се сретнаа со белгиската кралица Матилда, која присуствувала на церемонијата на доделувањето на наградите.

„Средбата со кралицата Матилда беше значаен момент за учениците, што ќе биде инспирација за уште поголеми постигнувања и напредок во иднината“, кажа професорката Ѓоргиевска.

Македонскиот тим по освојувањето на третото место на квизот (Фото: Приватна архива)

Годинашниот Европски квиз за пари имаше рекорден одѕив во неколку земји. Околу 36.000 тинејџери од 2.200 училишта учествуваа на националните натпревари низ Европа. Иницијативата, започната од ЕБФ во 2017, има за цел да ги подобри финансиските знаења на младите луѓе и да поттикне финансиски одговорна генерација.

Тимот од Австрија го освои првото место, додека второпласирана беше екипата од Чешка. Квизот го тестираше знаењето на учесниците за клучните финансиски теми за тинејџерите, како долгорочно планирање, стратегии за штедење, разбирање на криптовалути, свесност за сајбербезбедноста и одговорно управување со кредити.

На натпреварот учествуваа 26 земји. Нашиот тим го поддржа Македонската банкарска асоцијација, во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност.