ИТАЛИЈАНСКИ УМЕТНИК СОЗДАДЕ НЕВИДЛИВА СКУЛПТУРА КОЈА СЕ ПРОДАДЕ ЗА 15.000 ЕВРА

Рим, (Ил Џорно)

Првата невидлива скулптура на светот се продаде на аукција за 15.000 евра.

Станува збор за „дело“ на италијанскиот уметник Салваторе Гарау наречено „Јас сум“, што се опишува како празнина, целосно бел простор исполнет со енергија, невидлива, нематеријална скулптура. Таа не постои во физички облик, ниту во печатен или дигитален формат зашто е „невидлива“. Единствената потврда за нејзиното постоење е сертификатот за автентичност добиен од авторот.

Делото мора да се изложи во посебна соба, со големина 150 со 150 сантиметри, во простор во кој нема пречки.

„Јас не продадов ништо, јас креирав празнина, Празнината не е ништо друго освен простор полн со енергија. Според принципот на Хајзенберг, и ништо има своја тежина“, вели Гарау, негирајќи дека станува збор за измама.