Уметничката колекција на покојната поп ѕвезда Џорџ Мајкл, со дела од најпознатите британски современи уметници, ќе биде ставена на аукција следниот месец, соопшти аукциската куќа „Кристис“.

На продажба ќе бидат ставени дела од Дејмиен Хрст, Трејси Емин, Сара Лукас и други членови на генерацијата „млади британски уметници“, кои, како и Мајкл, ја раздвижија креативната сцена во 1980-ите и 1990-ите години.

Кристијан Албу, копретседател за повоена и современа уметност во „Кристис“, вели дека колекцијата е „портрет на Британија од 1990-ите“.

„Мајкл сакал да го слави времето во коешто дошол нов живот во Лондон, па почнал да купува дела од уметници со кои се спријателувал“, изјави Албу.

Над 200 дела ќе се продаваат, меѓу кои „Нецелосна вистина“ на Хрст, проценето на 1,92 милиони долари.

Мајкл се прослави во 1980-ите со поп дуото „Вем“ и потоа продаде над 100 милиони албуми низ светот. Почина на 25 декември 2016 на 53 години.