УМИРАМ ОД ТРЕМА ДОДЕКА ЈА ИГРАМ МАРИЈА КАЛАС ВО ТЕАТАР, ВЕЛИ МОНИКА БЕЛУЧИ

Париз, (АФП)

И покрај 40-годишната кариера, италијанската филмска дива Моника Белучи вели дека има голема трема додека ја игра славната американско-грчка примадона Марија Калас.

Белучи ја глуми една од најголемите оперски ѕвезди на 20. век во претставата на театарот Буф Паризиен, „Марија Калас: писма и мемоари“, во режија на Том Волф.

„Отсекогаш сум се плашела од театарска сцена. Целата се тресам. Излегувањето на сцена ми е како некој вид самоповредување“, вели 55-годишната актерка за АФП.

Белучи, која глумеше во два филма од серијалот „Матрикс“ и беше Бонд девојка во „Спектра“, вели дека филмската глума е помалку застрашувачка.

„Кога снимаш филм, се чувствуваш заштитен од надворешниот свет. Во театарот дишеш со публиката. Кога си на сцена, мора да си сконцентриран до крајот на претставата“.

Волф, кој ги собирал писмата на Калас и го снимил филмот „Марија од Калас“, вели дека Белучи со нејзиниот статус на ѕвезда одлично сфатила каква жена се крие зад иконата Калас. Во претставата, Белучи дури носи и еден нејзин фустан.

„Неверојатно е што не моравме да направиме никаква корекција. Како да бил направен за Моника“, вели тој.