Клинт Иствуд порача дека не планира да се пензионира иако вчера наполни 90 години.
Актерот и режисер кој се прослави во шпагети вестерни пред да стане икона на Холивуд вели дека постојано бара нов предизвик. Неговото последно, 41. режисерско остварување, „Ричард Џуел“, излезе лани и доби една номинација за Оскар.

„Стареењето може да биде забавно ако се опуштиш и уживаш. Кога си млад, многу си безгрижен. Потоа стануваш конзервативен, а потоа повторно безгрижен. Како што стануваш постар, не се плашиш од сомнежи. Сакам и натаму да напредувам во мојот живот, дури и на оваа возраст. Не сакам да стојам во место или да се навраќам наназад. Затоа уживам во стареењето“, вели Иствуд.

Во текот на кариерата која се протегна низ осум децении (на филм дебитирал во 1955 година), Иствуд заработил речиси 400 милиони долари и освои четири оскари. Животот му го обележаа и два брака и неброени љубовни врски, од кои доби осум деца, а во последните шест години е во врска со 34 години помладата Кристина Сандера.
„Уживав во моето патување на сцената и планирам да уживам додека трае. Јас сум едно среќно копиле“, вели Иствуд.