ВО БИТОЛА ОД ВЕЧЕРВА ЌЕ СЕ ГЛЕДААТ ФИЛМОВИ ВО ЛЕТНО КИНО

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Накосеното плато под службениот влез на Центарот за култура и Малата сала во Битола ќе стане летно кино, соопштија од Центарот. Филмските проекции ќе се реализираат по здравствените протоколи, меѓу кои на посетителите ќе им се мери телесната температура и задолжителни ќе бидат дезинфекција на рацете и носење маска. Проекциите почнуваат вечерва во 20:30 часот со комедијата „Добредојдовте во Германија“.

„Битола не смее да остане без кино, дури и во време на коронакризата. Капацитетот ќе биде ограничен на околу 50 гледачи, а цената на влезниците ќе биде 100 денари. Билетите ќе се продаваат пред почетокот на проекциите, според принципот прв дојден, прв услужен“, соопштија од Центраот.

Проекциите ќе почнуваат во 20:30 часот. На репертоарот ќе бидат наградувани европски филмови, комедии и филмови за најмладата публика. Реализацијата на проекциите ќе зависи од временските услови, а репертоарот ќе се објавува на неделно ниво, при што секој ден ќе се прикажува нов филм.

Утре на програмата е оскаровецот „Паразит“. Проекциите ќе бидат во работни денови и ќе траат додека има поволни временски услови.

Ж. ЗДРАВКОВСКА