Македонската балерина Стефанија Гаштарска (23), која до неодамна беше солистка во Пермскиот академски театар во Русија, закрепнува по операцијата на коленото која ја направи во клиниката „Цито“ во Москва. Гаштарска вели дека долго време имала болки во коленото, но поради обврските не сакала да направи пауза од балетот и ја одложувала операцијата.
„Во театар почнав со многу проби, нови премиери и буквално бев по цел ден во сала. Немав многу време за рехабилитација по напорните денови, па телото почна да ми дава сигнали дека треба малку да забавам и да се посветам на здравјето. Доста долго ги игнорирав тие знаци, состојбата со коленото сѐ повеќе и повеќе ми се влошуваше, но никако не дојде вистинскиот момент да застанам и да земам пауза. Не сакав да откажувам претстави и така почнав да играм на апчиња против болка и инјекции, кои, нормално, уште повеќе ја влошија состојбата. Кога веќе дојде моментот да не дејствуваат ни најјакото апче и инјекција, решив да направам пауза и да го решам овој проблем“, ни рече Гаштарска.
Младата балерина решила да се оперира во клиниката „Цито“ во Москва, која е специјализирана за балетски и спортски повреди.
„Сфатив дека токму тука ќе бидам во вистински раце и докторите ќе можат не само да ме вратат на нога за да можам да одам, туку и да можам да танцувам без никакви болки. Операцијата траеше околу 40 минути. Ми извадија израсток кој многу ми пречеше, ми ги тргнаа сите истрошени делови на коските, ми го исчистија коленото и сега ми е како ново. Самата операција воопшто не беше болна затоа што бев под општа анестезија. Потоа очекував да биде страшно. Но, на мое изненадување, болките речиси ги немаше првиот ден, а по два-три дена исчезнаа сосема“, ни рече младата балерина.
Сега ја чека четиримесечна рехабилитација, што ќе ја помине во Скопје со најблиските.
„Најголема мотивација ми е да застанам на нозе и да можам брзо да му се вратам на балетот“, вели Гаштарска.
По четири сезони ангажман во Пермскиот театар, таа по рехабилитацијата ќе ја продолжи кариерата во друг театар и вели дека од Русија не планира да си оди.
Стефанија Гаштарска се занимава со балет од девет години, почнувајќи во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на Дафина Данилоска-Кочевска. На 15 години продолжила да учи во Државното училиште во Перм, една од најстарите балетски школи за класичен балет во Русија. Образованието го продолжила на Академијата за балет на Бољшој, каде што во голема конкуренција дипломирала со високи оценки како единствена балерина од странство во руска класа и единствена од странска земја која влегла во театарот Бољшој на 18 години.
Гаштарска на 16 години настапи во Бољшој, ја играше принцезата Аурора во балетот „Заспаната убавица“ на балетската гала вечер посветена на кореографот Мариус Петипа, на која настапија 240 претставници од најдобрите балетски школи во Русија.
В0 2023, руското издание на списанието „Форбс“ ја вклучи македонската балерина на листата на осум идни ѕвезди во Русија. Нејзината мајка Марија Крстевска е балерина во Националната опера и балет.
М. ЏАРОВСКА