ГОСТИТЕ ВО ГЕРМАНСКИ ХОТЕЛ ЌЕ МОЖАТ ДА ГИ КАЧАТ АВТОМОБИЛИТЕ ДО НИВНАТА СОБА

Диселдорф, (ДПА)

Нов хотел во германскиот град Диселдорф им нуди можност на гостите да го однесат својот автомобил до нивната соба. Она што звучи како шега ќе стане реалност следното лето кога хотелот ќе се отвори, при што од 202 соби 26 ќе бидат со балкони компатибилни за автомобили.

Откако гостите ќе се чекираат во хотелот „Б-Мајн“ тие се праќаат во посебен лифт заедно со автомобилот, кој ги носи до нивната соба. Возачот тогаш го паркира автомобилот на балконот веднаш до вратата на собата во која престојува.

Одјавувањето од хотелот е целосно дигитално, а на гостите им е овозможено со истиот лифт да го спуштат автомобилот и да заминат без да мора да го предаваат клучот.

Од хотелот велат дека системот нуди безбедно и водоотпорно место за паркирање на автомобилите. Исто така планираат да постават и станици за полнење на електрични автомобили.

Истата компанија планира да отвори втор ваков хотел со 40 балкони за автомобили во Франкфурт во 2020 година, а уште осум вакви хотели се планирани во наредните осум години.