Хитовите на рок група „Квин“ синоќа ечеа во Градскиот парк во Скопје, изведени од Македонската филхармонија, хорот на Македонската опера и балет и бендот од Србија „Квин рил трибјут“.
На двочасовниот концерт насловен како „Квин симфони шоу“ пред преполниот парк беа изведени најголемите хитови на легендарната британска група. Со специјалени аранжмани направени за Филхармонија и хорот на МОБ и одлична изведба на вокалот на трибјут бендот од Србија Иван Ристановиќ, граѓаните уживаа под отворено во песните познати на сите генерации.
Вокалот на бендот „Квин рил трибјут“ Иван Ристановиќ, облечен во костими какви што носел на концерите и по кој беше препознатлив легендарниот Фреди Мекјури, уште од стартот на концертот беше поздравен со аплаузи од публиката.
Атмосферата се вжешти со еден од најголемите хитови на „Квин“ песната „Барселона“, која заедно со него ја изведе оперската певица Весна Ѓиноска-Илкова. И скопскиот концерт на „Квин“ како и на легендарната група заврши со хитот „Ние сме шампиони“(Ви ар д чемпионс), по што вокалот Ристановиќ во стилот на Мекјури ја поздрави публиката излегувајќи на сцената со круна на главата и кралска наметка.
„Квин“ од вип ложата во парк го слушаа и премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче, министеката за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот Бујар Османи, заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, како и гостите на градоначалникот Петре Шилегов, градоначалниците на Атина Јоргос Каминис, на Загреб Милан Бандиќ и на Приштина Шпенд Ахмети.
Концерот беше во организација на Град Скопје, Младинскиот културен центар и Македонската филхармонија, како дел од лената културна програма на Градот.
А. АНТЕВСКА