Холивудскиот апетит за снимање филмови според вистински крими-настани се чини дека е ненаситен.
„Беше еднаш во Холивуд“ на Квентин Тарантино, со Марго Роби како Шерон Тејт, е само еден од филмовите базирани на животот на актерката, најславната жртва на култот на Чарлс Менсон.
Следната година се одбележува 50-годишнината од убиствата на култот на Менсон, кога неговите следбеници ја убија и 26-годишната Тејт, која во тоа време беше во брак со режисерот Роман Полански.
Секој проект има различна актерка која ја игра Тејт. Покрај Роби, Кејт Босворт соработува со семејството Тејт на филмот во режија на нејзиниот сопруг Мајкл Полиш, а Хилари Даф глуми во хорор-филм за свирепото убиство.
Австралиската актерка Роби неодамна објави прва фотографија од сетот на „Беше еднаш во Холивуд“ и целосно ги долови 60-ите години од минатиот век. Премиерата е закажана на 9 август 2019 година.
Филмот на Даф е напишан и режиран од Даниел Фарандс и се претпоставува дека ќе биде во хорор жанрот, иако таа го нарече „независен филм“ на Инстаграм. Според ИМДБ, филмот треба да излезе годинава.
Босворт и Полиш ќе го продуцираат нивниот филм, заедно со сестрата на Шерон Тејт, Дебра, ветувајќи дека „нема да ја искористат нејзината смрт“ . Филмот насловен „Тејт“ сѐ уште нема датум на премиера.