Италијанската ѕвезда Ерос Рамацоти на 30 септември 2019 година ќе одржи концерт во Скопје, во ВИП Арената „Борис Трајковски“.
Концертот во Македонија е во склоп на неговата светска турнеја „Животот е таму“ , која ќе почне во февруари од Монако, а го носи „Авалон продукција“.
Турнејата е именувана по неговиот нов албум, кој ќе излезе на 23 ноември, на италијански и на шпански јазик
„Тој доаѓа во Скопје со комплетно своја продукција и Македонија ќе има шанса да види 100 отсто Ерос доживување низ годиниве, покажано и докажано како едно од највозбуливите во светската музичка индустрија“, најавува „Авалон“, кој го работи и концертот на Рамацоти во софиската арена „Армеец“ на 3 октомври идната година. Деталите околу влезниците ќе бидат објавени вечерва.
Педесет и петгодишниот пејач и текстописец, еден од најпопуларните италијански музичари има издадено 17 албуми на италијански јазик и 13 албуми на шпански јазик. Во богатата кариера досега продал повеќе од 50 милиони примероци.