Претставата „Буре барут“ од македонската режисерка Нина Николиќ, по текст на Дејан Дуковски, а во продукција на Народно позориште од Зеница, ќе се изведе вечерва на Млад отворен театар (МОТ) во 20 часот во Македонскиот народен театар (МНТ).
Николиќ на денешниот прес рече дека во „Буре барут” раскажуваат нивна приказна и оти не биле оптоварени со тоа дека работат култен текст што го знаат сите генерации.
„Ништо не се сменило, луѓето не учат од своите грешки. ‘Буре барут’ не зборува само за Македонија и Балканот, туку за нешта што ги има во светот, сѐ се движи во затворен круг, од кој не можеме да избегаме“, рече Николиќ.
Претставата е копродукција со „Скопје филм студио“ и со МНТ, а премиерата во Зеница беше пред шест дена.
На МОТ вечерва е и претставата „(Во живо) БЈ Фауст“ на театарската компанија „Сизиф“ од Јужна Кореја, која ќе се изведе во Денсинг салата во Младинскиот културен центар (МКЦ) во 22 часот.