„РАМШТАЈН“ НА ПРОЛЕТ ЌЕ ГО ОБЈАВИ ПРВИОТ АЛБУМ ПО 10 ГОДИНИ

Берлин, (Револвер)

Прославениот германски индустријал бенд „Рамштајн“ е повторно во студио по десет години пауза.

Откако во последните две години само нешто им навестуваа на фановите, ритам гитаристот Паул Ландер сега потврди дека снимаат нов албум, што треба да излезе на пролет 2019.

„Како што сега стојат работите, новиот албум треба да излезе на пролет. Во последно време, често бевме заедно во една просторија и свиревме. Многу ни се допадна звукот, па решивме албумот да биде продукт на заеднички труд. Ќе видиме како сето тоа ќе изгледа на албумот, но може да се каже дека ќе биде инспириран од нашите настапи во живо“, изјави Ландер.

Тој ќе биде продолжение на албумот „Liebe ist fur alle da“ од 2009 година, кој достигна платинест тираж. Другиот гитарист Рихард Круспе пред извесно време призна дека не веруваше дека бендот некогаш повторно ќе влезе во студио.

„Бев многу скептичен дека ќе се вратам во студио со ‘Рамштајн‘. Минатиот пат, речиси се распаднавме додека го снимавме албумот“, призна Круспе.