„ЗОШТО ИМ ТРЕБАШЕ ТОЛКУ ВРЕМЕ?“- МАЈКЛ ДАГЛАС ДОБИ ЅВЕЗДА ВО ХОЛИВУД ПО 50 ГОДИНИ КАРИЕРА

Лос Анџелес, (Пипл)

Во друштво на најблиското семејство и холивудски ѕвезди, Мајкл Даглас конечно ја доби својата ѕвезда на Патеката на славните во Холивуд.

Седумдесет и четиригодишната филмска легенда, која ја доби ѕвездата по половина век кариера зад себе, на отворањето дојде со татко му, 101-годишниот Кирк Даглас, сопругата и актерка Кетрин Зета-Џонс, нивниот син Камерон, браќата, внуците, како и со Џејн Фонда и Енди Гарсија.

Камерон, Кирк и Мајкл Даглас на Патеката на славните (Фото: Пипл)

„Деновиве луѓето ме прашуваат: ‘Зошто им беше потребно толку време’“, се пошегува двојниот оскаровец во своето обраќање и додаде:

„Но, да бидеме реални, ова е голема чест, а јас не се подмладувам. Ќе уживам во ова признание со целото мое семејство“.

Потоа му се обрати на својот татко Кирк.

„Наредниот месец, Кирк ќе наполни 102 години. Многу ми значи што си денеска овде. Ти благодарам за твоите совети и инспирација и едноставно ќе кажам: ‘Чест ми е што сум твој син‘“.