БУНТОВНИКОТ БАНКСИ – РЕТКА ИЗЛОЖБА ЗА СЛАВНИОТ ГРАФИТИ УМЕТНИК ВО МИЛАНО

Милано, (АФП)

Неговиот идентитет е мистерија што му ја зголемува славата, но новата изложба на графити уметникот Банкси во Италија е посветена на неговите дела како инструменти за протест.

„Изложбата во Музејот на култури во Милано е прва изложба за Банкси организирана од јавна установа, освен таа во Бристол, која беше организирана од самиот уметник“, вели кураторот Џани Меркурио.

Тој призна дека изложбата ја организирале без официјално одобрување од Банкси, што, вели тој, „беше многу тешко, речиси како да работиш со дух“.

Поставката за првпат на едно место собира околу 80 дела, вклучувајќи слики, скулптури и принтови (Фото: АФП)

Вистинскиот идентитет на Банкси е строго чувана тајна уште од неговите почетоци во 90-ите години. Познато е дека е Британец, од Бристол. Поставува фотографии од свои дела на неговиот веб-сајт, но никогаш не коментира.

Кураторот вели дека имал речиси академски пристап во составувањето на изложбата насловена „Визуелен протест“ и дека сакал јавноста да разбере дека Банкси е уметник, а не само медиумски феномен.

Поставката за првпат на едно место собира околу 80 дела, вклучувајќи слики, скулптури и принтови, како и 60 омоти на плочи и цедиња кои тој ги дизајнирал.

„Суштината на Банкси е пораката. Тој е раскажувач на приказни и реалист, бидејќи користи елементи и луѓе од секојдневниот живот. Тој ја оживеа бунтовничката и политичката страна на улицата“, вели кураторот.