Ракопис на Алберт Ајнштајн, познат под името „Божјо писмо“, се продаде на аукција во Њујорк за 2,89 милиони долари, постигнувајќи двојно повисока цена од очекуваната.
Писмото од една и пол страна Ајнштајн го напишал во 1954 година и е адресирано на филозофот Ерик Гуткинд. Во него, нобеловецот ги искажува своите ставови за Господ, Библијата и за јудаизмот и се смета за доказ дека тој бил атеист, иако лично не сакал така да се означува.
„Зборот Господ за мене не е ништо друго освен израз и производ на човечките слабости, а Библијата е колекција на чесни, но, сепак, примитивни легенди, кои притоа се доста детски“, пишува Ајнштајн на германски јазик.
Во писмото, тој го нагласува и своето разочарување од јудаизмот.
„Еврејската религија, како и сите останати, е инкарнација на најдетските суеверија. Еврејскиот народ, на кој јас со задоволство му припаѓам, за мене нема подобри квалитети од некои други народи. Ниту еден народ не е ‘избран‘“, вели Ајнштајн.