350. ИЗВЕДБА НА ПРЕТСТАВАТА „УБАВИЦАТА И ЅВЕРОТ“, 20 ГОДИНИ СЕ ИГРА СО ИСТ ДИЗАЈН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Претставата „Убавицата и ѕверот“ вечерва (19 часот) ќе се изведе по 350. пат во Театарот за деца и младинци. Таа се игра во континуитет 20 години со иста сценографија и со исти костими.

Премиерата во режија на Димитар Христов беше на 6 февруари 1998 година на истата сцена. Досега ја виделе над 40.000 посетители и ова е втората најизведувана претстава во Македонија во последните 73 години, вели театрологот Јелена Лужина.

Најблиску до оваа бројка се претставите „Чорбаџи Теодос“ (346), „Болва во уво“ (334) и „Сомнително лице“ (269).

Тања Кочовска, Катарина Илиевска-Силјановска, Јелена Лужина, Владимир Лазовски, Ана Левајковиќ-Бошков и Александар Ношпал на вчерашната прес-конференција (Фото: Театар за деца и младинци)

Претставата е работена според текстот на Игор Бојовиќ, а го препеал Петре М. Андреевски. Музиката е на Славе Димитров, кореографијата на Александар Хаџиманов, а костимите и сценографијата се на Александар Ношпал. Во претставата играат Ана Левајковиќ-Бошков, Тања Кочовска, Предраг Павловски, Драган Довлев, Владимир Лазовски и Катарина Илиевска-Силјановска. Во оригиналната постава беа и Олгица Христова и Игор Маџиров.

„’Убавицата и ѕверот’ е подвижно културно наследство од највисок ранг по стандардите на УНЕСКО. По ‘Платон Кречет’ , ова е најиграната претстава во континуитет“, вели Лужина.

Кочовска вели дека таа и нејзиниот сопруг Предраг Павловски ги имаат одиграно сите 349 изведби досега.

„Многу сум среќна и горда што сум дел од оваа екипа. Се радувам што претставата опстојува веќе 20 години и што генерации деца пораснаа со неа“, вели Кочовска, која ја игра улогата на Скакулка.

„ТДМ го измислија Љубомир Чадиковски и неговата екипа. На ова место, каде што сме денес, постоел ресторанот ‘Вардар’. Чадиковски ја составил екипата, го поканил докажаниот режисер Христов, па Ношпал, кој во тоа време има 25 години и штотуку се вратил од Париз, за да направи костими и сценогафија. Овие костими во кои глумците играат 20 години се кроени, шиени и чувани по највисоки стандарди на високата мода, јас би кажала пропишани од УНЕСКО“, рече Лужина.

„Чадиковски е мојот духовен татко, тој ми ја даде довербата пред 20 години. Не смееме да ја заборавиме и Љубица Велкова, која е долгогодишен кројач и гардеробер во ТДМ. Таа е врвен професионалец, кој со голема љубов се грижи за сите костими“, вели Ношпал.

Б. НЕСТОРОСКА