УЧЕНИЦИ ОД МАКЕДОНИЈА ПРВПАТ ОДАТ НА МЕЃУНАРОДНИОТ НАТПРЕВАР ЗА ИНОВАЦИИ НА „ЛЕГО“

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Над 40.000 ученици од 100 земји во светот, меѓу кои за првпат и екипи од Македонија, ќе учествуваат на меѓународниот натпревар „First Lego“ во Словенија, мултидисциплинaрна истражувачка програма, која ги мотивира младите на иновативно решавање на реални проблеми.

Македонската селекција ќе брои 80 надарени ученици на возраст од девет до 16 години од основни и средни училишта од Штип, Виница, Струмица, Берово, Скопје и од Кочани. Носител на проектот е Факултетот за информатика од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во соработка со партнери од Словенија. Државниот натпревар во Штип ќе се одржи на 23 февруари и за учество на меѓународниот натпревар во Словенија ќе се изборат најдобрите три екипи.

„Натпреварите во оваа лига се организираат во цел свет, а темата за оваа година е ‘Во орбитата‘, при што тимовите треба да идентификуваат физички и социјални проблеми со кои луѓето се соочуваат за време на нивното долгорочно истражување на вселената и да предложат решение“, вели еден од координаторите, професорката Александра Милева.

Експертски тим од меѓународната асоцијација ФЛЛ секоја година избира актуелна глобална тема и водени од возрасни тренери, тимовите истражуваат и, истовремено, дизајнираат и програмираат роботи со користење на Lego Mindstorms.

И македонските учесници ќе учат да применуваат технологија, математика и инженерство, но, истовремено, како што велат менторите, ќе се забавуваат и дружат и со помош на нивната имагинација, ќе решаваат проблеми, што ги оценува посебно стручно жири.

Т. ЈОВАНОВСКИ