„ПЕТРУНИЈА“ НА ТЕОНА МИТЕВСКА ОД ДЕНЕСКА ВО СКОПСКИТЕ КИНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар Митевска и научната фантастика „Детето кое сакаше да стане крал“ се нови филмови кои од денеска играат во киното Синеплекс.

Филмот на Митевска, кој минатиот месец на 69. Берлинале освои две награди, на Екуменското жири и на Здружението на германските кина за авторски филм, од утре ќе игра и во Милениум.

Во продукција на „Сестри и брат Митевски“, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ е инспириран од настанот што се случи на Водици во 2014, кога Борислава Васкова го фати крстот фрлен во реката Брегалница во штипско Ново Село, за потоа да ѝ биде одземен. Во главната улога е Зорица Нушева. Филмот доби позитивен одглас од публиката и критиката на Берлинале, особено Нушева. Играат и Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Виолета Шапковска, Џевдет Јашари и Бајруш Мјаку.

„Алекс мисли дека е никој и ништо, сè додека случајно не го пронајде митскиот меч Екскалибур. Тогаш тој ќе мора да ги обедини своите пријатели и непријатели и заедно со легендарниот Мерлин да ја победат волшебничката Моргана. Алекс ќе прерасне во голем водач, во нешто што не можел ни да сонува“, е дел од содржината на „Детето кое сакаше да стане крал“, во кој играат Луис Ошбурн Серкис, Ребека Фергусон, Том Тејлор и Патрик Стјуарт.