Новата поетска книга на Марта Маркоска, „Херојска/Еротска книга“ (H/ERO/T/IC BOOK), ќе биде промовирана утревечер во 21.30 часот во Јавна соба.
„Дојдете во – мојата соба, ќе ве доведам до климакс само со зборови“, најавува поетесата.
Маркоска по третпат соработува со Александра Спасеска за англискиот превод и со издавачката куќа „Матица ексклузив“. Спасеска ги има преведено и книгата раскази „Вител во Витлеем“ и поетската книга „Црни дупки во нас”, која ги доби наградите „Бели мугри“ и „Тодор Чаловски“.
„Читателу, биди подготвен – во оваа блескава книга поезија живее искрен и копнежен глас, незасрамен од своите примални нагони, модерен како машина за миење садови и древен како оганот на предхеленската душа. Гласот на Маркоска е глас кој се судира сам со себе, смел и еротски“, стои во рецензијата на Џорџ Валас, писател резидент во Родната куќа на Волт Витман, САД.
Дизајнот на корицата е на Ленче Наумовска.