Мајските оперски вечери синоќа по 47. пат беа отворени во Националната опера и балет (НОБ) со премиерата на Вердиевата „Аида“, под диригентство на Енрико Довико.
Фестивалскиот оган го запали диригентката и уметничка директорка на Операта, Бисера Чадловска, а публиката ја поздравија директорот на НОБ, Васо Ристов, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.
„Аида“ е работена според продукцијата на театарот „Карло Феличе“ од Џенова. Режијата според италијанската верзија ја адаптираше Дејан Прошев, кореографијата е на Луиза Балдинети, на која ѝ асистираше Саша Евтимова. Познатата приказна за победата на љубовта над смртта низ историјата на древниот Египет ја изведоа оперските пејачи Благица Поп Томова како Аида, Амади Лага (Франција/Тунис) како Радамес, Ирена Кавкалевска како Амнерис, Борис Трајанов како Амонсаро, Владимир Саздовски како Рамфис и Евгениј Станимиров од Бугарија како Фараонот. Тие добиваа аплаузи низ целата изведба, а и на крајот беа поздравени со овации.
„Аида“ ќе се изведе и на затворањето на Оперските вечери на 31 мај, а следната претстава е закажана за в недела, кога е балетот „Лебедово езеро“ со Маја Махатели од Грузија и Артур Шестериков од Русија, првенци на Холандскиот национален балет.
На програмата до 31 мај се и оперите „Лучија од Ламермур“ од Доницети, „Риголето“ од Верди, „Боеми“ од Пучини и „Травијата“ од Верди.
Фото: К. ПОПОВ