Католичко училиште од Тенеси ги отстрани популарните книги за „Хари Потер“ од својата библиотека и оттаму кажаа дека „прикажувањето магии, правењето напивки и фрлањето клетви е премногу реално опишано и може да предизвика будење на злото“.
Свештеникот Ден Рихил преку електронска пошта им ја објасни својата одлука на родителите на учениците во „Сент Едвард“ во Нешвил, наведувајќи дека се консултирал со егзорцисти од САД и со Ватикан.
„Овие книги ја претставуваат магијата и од добра и од лоша страна, што e паметна измама. Напивките и клетвите кои се користат во книгите се вистински и кога тоа ќе се прочита од човечко битие, тој ризикува во него да се разбудат лошите духови“, напиша Рихил.
Ребека Хамел, која е одговорна за католичките училишта во Нешвил, изјави дека свештеникот навистина го испратил писмото и дека неговиот збор е последен, со оглед на тоа што Католичката црква нема официјален став за бестселерите на Џеј Кеј Роулинг.
Книгите ги следат авантурите на волшебникот Хари Потер и на неговите најдобри пријатели Рон Визли и Хермиона Гренџер, ученици во училиштето за магии и волшебништво Хогвортс.