Книгата „Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“ од Билјана Велковска ќе биде промовирана вечерва во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ на улица Македонија во Скопје.
Книгата во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ги осветлува двете страни на паричката наречена човек. Од една страна се чувствата, субјективни и тешки за дефинирање, кои претставуваат огромен дел од човековото искуство. Од другата страна се физичкото функционирање и здравјето, што традиционално погрешно се разгледуваат одделно од емоционалниот живот.
Велковска е родена во 1978 во Скопје. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет. Нејзините работни ангажмани вклучуваат преводи, рецензии, уредување книжевни изданија, книжевни критики и написи во дневниот весник „Вест“, каде што работела како новинар во културната рубрика.
Интересот за психологијата, личен и професионален, Велковска го добила по стручната соработка со Здружението за психотерапија и едукација „Амигдала“. Промотор на книгата ќе биде психологот/психотерапевт Мирјана Јовановска-Стојановска.