Филмот „Врба“ го сруши рекордот на најгледана премиера на македонски филм во скопското кино Синеплекс.
Шестиот по ред филм на најтрофејниот македонски автор Милчо Манчевски синоќа имаше гала премиера во Филхармонија, а во исто време почна да игра во Синеплекс и Милениум, како и во Битола, Штип, Охрид, Кичево и Струга. Од 4 ноември, тој ќе се прикажува во Прилеп и Свети Николе, во Гевгелија од 9 ноември, во Кочани и Македонска Каменица од 14 ноември, а продукцијата најавува дека се во преговори да игра и во други градови од државата. Светската премиера на „Врба“ беше на 19 октомври на Римскиот филмски фестивал.
„Во исто време и ништо поназад со останатиот дел од светот ќе овозможиме ‘Врба’ да го видат сите. Сметаме дека тоа е наша прва должност“, вели продуцентот Јане Ќортошев.
Новиот филм на Манчевски ја освои и домашната публика со горчливата порака дека „Мајка не раѓа, мајка сака“. Коментарите беа дека филмот е „болен до коска“, дека ги допре и насмеа. Овации добија авторот Манчевски и особено трите актерки Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски, кои играат три млади мајки.
Во главни улоги се и младите актери Никола Ристески и Ненад Нацев, покрај Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други.
Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош, дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, костимите се на Жаклина Крстевска и Унгарката Ѓерѓи Сакач, а асистент на режија е Никола Ивановиќ од Србија.
Б. НЕСТОРОСКА