РЕТКА ОРХИДЕЈА КОЈА ИСПУШТА МИРИС НА ЛЕШ ПРВПАТ ЌЕ ПРОЦУТИ ВО ЛОНДОН

Лондон, (Гардијан)

Таа е позната по мирисот опишан како „мртви стаорци кои се распаѓаат покрај скапана риба“, нејзините цветови наликуваат токму на месо што се распаѓа и толку е ретка надвор од својата татковина Папуа Нова Гвинеја што малкумина ботаничари низ светот ја имаат видено во цут.

Смрдливата орхидеја Bulbophyllum phalaenopsis утре се очекува за првпат да процути во Ботаничката градина на Универзитетот Кембриџ, настан што за ова растение се случува еднаш во три-четири години.

„Ги предупредуваме посетителите да очекуваат бизарен и уникатен мирис. Ова е толку необично и во исто време егзотично растение. Ја одгледуваме токму затоа што е ретка, дури и во природа“, вели шефицата за хортикултура Сели Петит.

Природното живеалиште на оваа орхидеја е западниот дел на Папуа Нова Гвинеја

Иако изгледа невино, ботаничарите велат дека нејзиниот неподнослив мирис неодоливо ве привлекува уште еднаш да ја помирисате.

Мирисот се засилува со времето. Во природа, орхидејата ја опрашуваат муви, што ги привлекуваат со имитација на непријатен мирис на леш“, појаснува Петит.

Природното живеалиште на оваа орхидеја е западниот дел на Папуа Нова Гвинеја, каде расте на надморска височина од 500 метри, но нејзиниот опстанок сега е под закана.

Тоа се должи најмногу на ширењето на населението, кое расчистува земјиште за развој и домови. И климатските промени имаат свој удел“, вели Петит.

Ботаничката градина била отворена за јавност пред 173 години и денес е дом на некои од најретките растенија на светот, од кои некои веќе се исчезнати во природа.