Музичкиот проект „Македонисимо“ на пијанистот Симон Трпчески и пријателитe ја имаше азиската премиера со серијата од три концерти во Јужна Кореја. Од Здружението за култура и уметност КултурОп велат дека приемот бил одличен, но и дека публиката од претпазливост поради коронавирусот носeла заштитни маски.
„Се радуваме на реакцијата на публиката на темите од македонскиот фолклор, а нивната почит беше изразена и така што делата во програмата беа најавени и на кирилица на македонски јазик“, вели Трпчески во изјавата за Македонското радио.
Тој ја искористи можноста на своите домаќини да им честита за четирите Оскари што ги освои „Паразит“, подвлекувајќи ја уште еднаш и гордоста за двете номинации за „Медена земја“.
Во проектот „Македонисимо“, кој дава нова димензија на македонската музика преку обработките на композиторот Панде Шахов, учествуваат и Александар Краповски (виолина), Хидан Мамудов (кларинет, саксофон и кавал), Влатко Нушев (удиралки), а овојпат, место Александар Сомов од Бугарија, на виолончело е Паскал Краповски.
„Големиот интерес за изведбата на ‘Македонисимо’ го ‘натера’ локалниот промотор на својот сајт да обезбеди директен пренос од третиот концерт, кој е закажан за утре“, велат од КултурОп.
Светската премиера на „Македонисимо“ беше на 18 мај 2017 на престижниот музички фестивал во Лудвигсбург, Германија.