Во изминатите години многу се зборуваше за проблемот на масовен туризам, што погодуваше некои од најпопуларните градови, дестинации и локации. Ситуацијата сега отиде во друга крајност поради ширењето на коронавирусот, кој од кинескиот град Вухан се прошири во повеќе од 90 држави, што ги натера властите да преземат драстични мерки, како карантин и затворање јавни места.
Според експерти од туристичката индустрија, ова би можела да биде најлошата година за светскиот туризам во последните 20 години, односно од нападите врз САД на 11 септември 2001.
Голем број земји ги ограничија патувањата во Кина, која е најголемиот светски патувачки пазар, додека познати манифестации се откажуваат низ цел свет. Меѓу жртвите на коронавирусот се и Саемот на книга во Лондон, Автосаемот во Женева и Архитектонското биенале во Венеција.