Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ од вечерва ќе се одржува на отворено во големиот Градски парк во Струмица. Според најавите од организацискиот одбор, фестивалот посветен на актерската игра ќе се реализира во наредните шест дена согласно владините мерки и протоколи за заштита од ковид-19 и со ограничен број посетители.
„Во официјалната програма ќе се одиграат шест претстави и една монодрама. Планирани се и изложба и етно-концерт за да се спои театарот со музиката. Поради пандемијата, годинава ќе нема претстави од странство“, изјави Ване Ристов, директорот на фестивалот.
Програмата ја отвора Струмичкиот театар, кој вечерва ќе ја изведе преставата „Умри машки“ од Алдо Николај, во режија на Кирил Ѓеоргиев. Во наредните денови ќе настапат актерите од Штипскиот театар со претставата „ЈЗУ Европа“, Театарот за деца и младинци со проектот „Касета“, Кумановскиот театар со „Телефонот на мртовецот“, Театар Комедија со „Човек ѕвер и доблест“ и Велешкиот театар со „Сестрите Прозорови“ и со драмата во движење „Дисперзирана драматика“.
Ќе се додели само една награда, за најдобра актерска улога, вредна 1.500 евра и златен медалјон со ликот на бардот на македонското глумиште Ристо Шишков.
В. ТРАЈКОВ