Вториот дел од книгата „Власите низ историјата на Градот Скопје“ деновиве беше објавен во чест на 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје.
Книгата е двојазична, на македонски и влашки јазик, подготвена од Мирјана Николовска-Неделкова. Според неа, материјалот е своевиден практичен показател на личностите Власи и од влашко потекло кои твореле/творат и битисувале/битисуваат во мултијазичното и мултикултурно Скопје. Книгата е за нивните место, улога и учество во голем број историски процеси во периодот пред и по Илинденското востание и периодот на НОВ.
„Власите беа дел и од процесот на создавањето на НРМ и независна Македонија (1991). Нивниот придонес продолжува и во современите општествено-економски и политички текови на градот и на целата земја. Впрочем, за тоа сведочи и самата содржина, во која самите учесници ги раскажуваат нивната лична приказна и приказната на нивните семејства“, вели авторката.