НЕДЕЛАТА НА ИТАЛИЈАНСКИ ФИЛМ ВО СКОПЈЕ ПОСВЕТЕНА НА ЕМИГРАЦИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Неделата на италијански филм почнува вечерва во 20 часот во Летното кино на Кинотеката со проекцијата на „Леб и чоколадо“ на Франко Брусати.

„Циклусот италијански филмови опфаќа наслови и теми поврзани со емиграцијата, пред сè, од економска природа, кои се реализирани од врвни автори во период од половина век, од 1970-ите до првата деценија на новиот век“, најавува Кинотеката.

Горчливата комедија на Брусати од 1973 зборува за италијански емигрант во Швајцарија (Нино Манфреди), кој се обидува, но никако не може да се вклопи во швајцарскиот менталитет и постојано е во судир со полицијата.

Пред отворањето на циклусот, амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри, ќе го одликува директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов, со значка и плакета на Витешкиот ред Ѕвезда на Италија за особени заслуги во промовирањето на италијанските култура и кинематографија во Македонија.