„Подобро да издадеш книга отколку да ја издадеш државата“, рече актерот и шоумен Игор Џамбазов на промоција на неговата седма книга „Улица Диши длабоко“.
Промоцијата во мезе ресторанот „Вип база“, замислена како неформална дружба со гитара, блуз и поезија, собра повеќе колеги на Џамбазов и режисери од неговиот матичен Македонски народен театар (МНТ), како и водители, и голем број пријатели.
Книгата, во издание на „Три“, е збирка од околу 70 најпознати песни напишани или изведени од Џамбазов, како и од „Нокаут“, Тамара, Тијана, Ребека, Елена и од Калиопи. Во збирката има и текстови кои за првпат на промицијата се прочитаа во јавност.
Игор раскажа дека на Твитер го прочитал следниот статус: „ Игор Џамбазов издал книга со стиховите што ги пеел и што му ги пееле. Аман веќе, од сега ќе почнам да пишувам книга за твоите книги“. За 12 часа имало само еден коментар: „Игор е Сузана Турунџиева“ .
„Па ги обожавам“, рече Игор, а гостите го поздравија со голем аплауз.
Понатаму, Игор потсети дека првата книга ја напишал пред 20 години, „Тоа сум јас“, за неговата мајка, глумицата Анче Џамбазова, со поднаслов „Нека цркнат душманите“.
„Оваа, седма книга е посветена на мојот татко, маестро Александар Џамбазов, на човекот што ме натера да пишувам стихови. Само тој веруваше во мене“, кажа Игор, додавајќи оти поднасловот на оваа книга е „Да живеат душманите, оти без нив ние сме и никој и ништо. Тие се нашата мотивација и нашето утре“.
„Живееме во чудна агрегатна состојба каде што умира разумот и царува тупоста. И нон стоп сегде сами си ја носиме штафетата на глупоста.
Овде кај нас одамна врвот е дно, а доброто зло и љубовта на последно место почесно, а надвор личи на турски затвор и мора од лудницава да бегаме. Затоа мој совет е да најдеме сите заедно едно поле, едно пошироко поле и да дишеме длабоко заедно“, порача гитаристот Игор Атанасоски, познат како Гуру Харе, еден од најблиските соработници на Игор и негов кумашин.
Б. НЕСТОРОСКА