„Во главата пишувам расказ“ од Елизабета Баковска и Сашо Димоски е книга за месец октомври како дел од кампањата #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Книгата е спој на 64 лирски прозни минијатури со 115 фотографии и е резултат на партнерство на двајца автори кои работат во различен медиум.
„Ова е книга за родители и за нивните деца кои станале родители, книга за последните денови од животот и за првите денови на смртта, за краткиот период во нашите животи кога истовремено ги играме двете улоги во животот: некому сме дете, на друг родител“, пишува Оливера Ќорвезироска во предговорот на книгата.
Во рамките на кампањата најавен е разговор со авторите на 10 октомври во библиотеката и на 28 октомври во Клубот на читатели. Книгата, која е самостојно издание, е достапна во сите библиотеки.