Нино Величковски и групата „ДНК“ пееја на охридскиот плоштад за Нова година. Фолк-пејачот ги забавуваше охриѓани и туристите со свои и други македонски народни песни, а аренби дуото со својот бенд по полноќ изненадија со народна песна.
Откако одбројуваа пред полноќ со градоначалникот Кирил Пецаков, „ДНК“ ја испеаја „Бисер балкански“ од Гоце Николовски. Како специјален гостин се појави Наум Петрески, кој заедно со Андреј Ѓорѓиески и Владимир Блажев-Панчо испеа дел од неговите хитови.
Со песните на „ДНК“ се веселеа луѓето од сите генерации на полниот плоштад, иако нивната музика е главно за помлада публика. Во чест на Тоше Проески, Панчо ја испеа неговата балада „Громови на душа“, но и народната „Јовано, Јованке“.
Охрид е преполн за новогодишните празници, а најбројни се српските туристи, кои се главно дојдени со организиран автобуски превоз. Во кафулињата и рестораните тешко се наоѓа слободно место, а има доста интерес и за екскурзиите со бродови.
Има и локалци кои се капат во езерото како новогодишна традиција и велат дека пливањето во студена вода е здраво за срцето.
М. ЏАРОВСКА