Романот „Среќните луѓе не слават родендени“ од Сашо Кокаланов ќе биде промовиран на 12 јануари во 19 часот во бифето на Факултетот за драмски уметности (ФДУ). Романот е објавен во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-Или“. За романот ќе зборуваат Сашко Насев и Стојан Синадинов.
Издавачот вели дека „Среќните луѓе не слават родендени“ е семејна драма за едно сиромашно семејство од Дримкол, инспирирана од вистинска приказна и претставува краток, згуснат книжевен запис кој на очигледен и нескриен начин кокетира со еден сосема поинаков јазик од книжевниот – филмскиот.
Кокаланов е писател, сценарист, драмски писател, сатиричар и новинар. „Среќните луѓе не слават родендени“ е негов шести роман. Работи како професор по филмско и телевизиско сценарио на ФДУ.
На настанот ќе биде претставен и бугарскиот издавач и книжевен критичар Пламен Тотев.