ТЕАТАРСКАТА ПОСТАВКА „ОСУДЕН(А)“ ЈА ПРИКАЖУВА РЕАЛНОСТА НА ЖЕНИТЕ И ДЕВОЈЧИЊАТА КОИ СЕ ЖРТВИ НА НАСИЛСТВО

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Суровата реалност со која се соочуваат жените и девојчињата жртви на насилство беше прикажана во форум театарската претстава „Осуден(а)“, која се одржа во Битола и Скопје. Станува збор за иницијатива на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во рамките на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“.

Претставата „Осуден(а)“ се одвива во два чина и прикажува ситуации кои го одразуваат секојдневието на многу жени и девојки во нашето општество. Првиот чин ја следи приказната на млада девојка која е жртва на сајбер насилство и закани откако испраќа приватни фотографии на момче кое го запознала на интернет. Во вакви ситуации, наместо да добијат поддршка, девојките се соочуваат со дополнителни обвинувања од јавноста, но и од најблиските. Со ова се стави фокус и на вршење двојна виктимизација на жртвата, што често го засенува вистинскиот проблем – одговорноста на сторителот за неговите кривични постапки.

Во вториот чин се зборува за жена заробена во кругот на семејното насилство, која залудно бара помош од институциите. Службениците го релативизираат нејзиниот проблем и не постапуваат по нејзините пријави, што завршува со фемицид. Во изминатите четири години, во Македонија се регистрирани 19 случаи на фемицид во кои жртвите настрадале од поранешни или сегашни партнери или сопружници, а убиствата најчесто се случиле во нивните домови.

„Шокантно е да се види колку брзо ја обвинуваме жртвата без да го препознаеме вистинскиот проблем. Треба да го смениме нашиот начин на размислување и да застанеме против таквите неправди“, рече една млада девојка од публиката.

Фото: УНДП