Чудовишниот романтичен трилер „Обликот на водата“ на режисерот Гилјермо дел Торо, кој доби четири оскари во неделата, од денеска игра во киното „Синеплекс“, а од утре и во „Милениум“.
Филмот доби Оскар во категориите најдобар филм, режија, оригинална музика и сценографија.
На репертоарот е и македонскиот независен долгометражен филм „Копање“, на режисерите Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов.
Филмот е работен според истоимената претстава на германскиот драматург Кристијан Винклер, што беше поставена лани во Македонскиот народен театар (МНТ).
Главните улоги ги играат истите актери од претставата: Димитријевиќ, Гораст Цветковски и Александар Ѓорѓиески. Адаптацијата на сценариото ја направија Димитријевиќ и Винклер. Кинематографери се Димо Попов и Генч Халими, музиката е на Горан Трајкоски, сценографијата на Михаил Панев и Анастасија Величкова, шминката на Ангела Стојанова, а монтажер е Иванов.
Во „Синеплекс“ игра и „Викај ме со твоето име“, новиот филм на Лука Гвадањино, базиран на прочуениот роман на Андре Акиман. Филмот доби Оскар за најдобро адаптирано сценарио.